Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска (01.10.2024) присуствуваше и се обрати на првиот академски час на Факултетот за безбедност - Скопје, при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ - нашата најстара и најреномирана институција од областа на безбедноста, која постои повеќе од 47 години.
Министерот Тошковски во обраќањето пред бруцошите, за кои овој ден е посебно емотивен и важен им потенцираше дека тие се основниот мотор којшто ќе треба да ги движи оние основни промени се со цел да ги направиме реалност европските вредности кон кои се стремиме.
„Од вас како идни вработени во рамки на министерството за внатрешни работи и сите оние институции чија надлежност е безбедноста на граѓаните, се очекува многу, се очекува професионалност, знаење и посветеност и пред се љубов кон татковината. Македонија е она во коешто нашите предци многу вложиле, ги дале своите животи, за денес да го уживаме она што ни го оставиле. Само со знаење, професионалност, труд и посветеност ќе можеме да ја доведеме на ниво на коешто сите сакаме да ја видиме, а тоа е просперитетна Македонија, којашто ќе биде пример, не само во регионот туку и во Европа. Има една народна поговорка која гласи „На човека насила не можеш да му дадеш, можеш само насила да му земеш“. Единствено нешто што не може никој да ви го земе е знаењето и само со знаење, компетенции и професионалност ќе може да напредувате и само така ќе вредите и пред себе и пред вашите блиски а пред се пред граѓаните и Македонија.“, нагласи министерот Тошковски.