Дигиталната трансформација на услугите и процесите во сите министерства, институции е еден од главните столбови на владината програма. Како министерство силно сме фокусирани на подобрување на постојаните и креирање нови електронски услуги од делокругот на работа на МВР, преку кои граѓаните брзо ќе доаѓаат до информацијата или документот кој им е потребен без да мораат да го губат своето слободно време чекајќи пред шалтерите на МВР или било која друга институција.
До сега постапката за издавање на уверение за државјанство започнуваше со пополнување на печатено барање за издавање на уверение за државјанство, кое требаше да се поднесе до Секторот за внатрешни работи при МВР во зависност од подрачјето во кое барателот има живеалиште. По 3-5 работни дена подносителот на барањето требаше да оди да го подигне уверението за државјанство. Секако, кој сака и денес може да го користи тој начин на вадење уверение на шалтерите на МВР, но веќе има полесна, дигитална онлајн опција преку која со неколку клика можете да го извадите вашето уверение за државјанство.
Денес уверение за државјанство може да добиете и онлајн на Uslugi.gov.mk. Добивањето на документот е онлајн и полесно, а секако побрзо отколку физички да поднесете барање.
За да може да пристапите до приватниот дел на Порталот, за извршување на е-услуги, потребно е да имате креирано кориснички профил, односно eID профил.
Граѓаните кои веќе имаат профил на УЈП (е-ПДД) можат да ги користат постоечките податоци за да се логираат на платформата. Граѓаните кои сеуште не се регистрирани треба да се регистрираат и отворат свој профил преку делот „регистрација“ кој се наоѓа на долниот дел од порталот. Регистрацијата е лесна и едноставна, се следат сите чекори на системот.
Како да извадите Уверение за државјанство онлајн?
Ако сте регистрирани (или откако ќе се регистрирате) целиот процес е брз и едноставен. Илустрациите на чекорите се од мобилна верзија а за граѓаните кои пристапуваат од десктоп би било уште полесно.
- Најпрво од менито е-услуги ќе одберете „Пронајди услуга“.
- Од подменито „Лични документи и исправи“ одберете „Државјанство“.
- На страницата одберете Aплицирај.
- Ова ќе ве однесе на специјализираната страница за услугата.
- Овде прва работа е потребно да ја направите е да изберете јазик на кој ќе аплицирате за услугата.
Најголем дел од податоците се „повлечени“ од системот, и голем дел од формата е автоматски пополнет. Име, презиме, ден, месец и година на раѓање, пол, ЕМБГ, се дел од податоците на формата кои се пополнети. Граѓанинот треба да пополни неколку податоци за родителите и да одбере да поднесе барање за уверение.
Понатаму во следниот чекор, во зависност од потребата, треба да поднесете некои од следните документи: извод од матична книга на родени, извод од матична книга на венчани или важечка лична карта или патна исправа. Добра вест е дека може да прикачите PDF-фајл од скениран или фотографиран документ. За да не мора да правите повеќе од една копијa. Препорака е фајлот кој го закачувате да биде под 3МВ.
Сега следува чекорот за плаќање на документот. Секако може да платите и онлајн, а за плаќање ќе бидете пренасочени на страна од Casys платежниот процесор.
Откако ќе заврши наплатата, треба да почекате да биде процесирана потврдата од институцијата. Генерираното барање (сликата подолу) ќе го добиете речиси веднаш, а за документот ќе треба да почекате.
Уверението за државјанството го добивате следниот ден, без на шалтер да поминете ниту една секунда. Следниот ден вашиот документ ќе биде готов. Го симнувате, печатите и е валиден документ за вашите потреби.