Вести

09 август 2024

Министерот Тошковски во работна посета на Одделението при Дирекцијата за заштита и спасување под чија надлежност се воздухопловите за гасење на пожарите

 Денеска (09.08.2024) министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов,  остварија работна посета на Одделението при Дирекцијата за заштита и спасување под чија надлежност се воздухопловите за гасење на пожарите.

 

За време на посетата министерот се сретна со дел од пилотите и екипажот, при што им искажа признание за храброста и пожртвуваноста во борбата со пожарите. Притоа, министерот изрази жалење за условите во кои работат, како и недостигот на кадар во ова одделение и ниските плати.

 

„Имавме можност да ги погледнеме ер тракторите, да поразговараме со пилотите и да се сретнеме и со екипите од Кипар и Германија, кои преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ учествуваат во гасењето на пожарите. Овие луѓе, од кои некои се вратија и од пензија, заедно со екипите на Одделот за воздухопловни единици на МВР и Воздухопловниот винг на армијата се хероите кои секојдневно се во битката со пожарите со кои се соочува нашата татковина.

Ја изразив мојата огромна благодарност за се она што го прават и разменивме мислења за планираните реформи на системот за справување со кризи, како од оперативен така и од материјално-технички карактер. Се сложивме дека потребата од реформата на системот е голема, а тие остануваат тука се додека е потребно, заедно да ги спасиме нашите шуми и природни богатства. Министерството за внатрешни работи останува со сите свои капацитети да учествува во гасењето на пожарите и во пронаоѓањето на лица кои учествуваат во нивно подметнување и ширење“, истакна меѓу другото министерот Тошковски за време на посетата на Дирекцијата за заштита и спасување, под чија надлежност се воздухопловите за гасење на пожарите.