Вести

17 мај 2024

Државната секретарка Несторовска на Годишниот состанок на Национални координатори и Ударни групи за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе од регионот на Западен Балкан


Државната секретарка во Министерството за внатрешни работи и Национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Магдалена Несторовска, денеска заедно со делегација во состав раководител на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинител Наташа Поп Трајкова, началник на единица/помошник-раководител на Националната единица, Билјана Лалова и заменик помошник-раководител на Националната единица, Елисавета Јовановиќ, учествуваат на Годишниот состанок на Националните координатори и Ударните групи за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе од регионот на Западен Балкан, кој се одржува во Будва, Црна Гора.
Состанокот се реализира на маргините на обуката за обучувачи на тема „Дигитални истраги и техники за интервјуирање насочени кон правата на жртвата во постапката“, која започна на 13 мај, а завршува денеска (17.05.2024) во Будва, во организација на Меѓународната организација за миграција ИОМ во рамки на регионалниот проект „Заеднички активности на земјите од регионот на Западен Балкан против криумчарење на мигранти и трговија со луѓе“ (WBJAST), финансиран од Министерството за надворешни работи на Данска.
Целта на овој состанок е да обезбеди платформа за стратешка дискусија, размена на искуства околу предизвиците и трендовите на Западно-балканската рута помеѓу главните чинители во областа на сузбивање на трговијата со луѓе и криумчарењето на мигранти на меѓународно, регионално и на ниво на ЕУ, како и идентификација на областите за зајакнување на соработката со партнерите од Западен Балкан.