Вести

15 мај 2024

Делегација на МВР на Министерска конференција на Западен Балкан „Соработка за безбедност и миграциски текови долж Западен Балкан“ во Тирана

 

Вчера (14.05.2024) во Тирана, Албанија се одржа Министерска конференција на Западен Балкан насловена „Соработка за безбедност и миграциски текови долж Западен Балкан“ во рамки на Берлинскиот процес. На конференцијата учествуваше делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија предводена од помошник министер при Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, Муамет Реџепи, а се дискутираа сеопфатни пристапи за ефикасно управување со миграцијата во Западен Балкан кои ќе бидат ориентирани кон решенија, како и предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во борбата против нерегуларната миграција, криумчарење мигранти и трговија со луѓе.
За време на министерската сесија на конференцијата беше усвоена и заедничка декларација која го истакна значењето на интегрираното гранично управување, соработката и споделување податоци и размената на знаење. Со оваа декларација земјите се обврзуваат на создавање на заедничка регионална работна група, составена од шефови/раководители на граничната полиција, за да се разгледаат можностите за поблиска регионална соработка.
Во рамки на конференцијата се одржа и техничка сесија за механизми за зајакната гранична контрола „Прекугранични безбедносни закани вклучително и (меѓу другото) криминални мрежи, трговија со луѓе, криумчарење мигранти, дрога и трговија со оружје и тероризам“. На оваа сесија со свои обраќања учествуваа Сашо Смилески, помошник директор при Одделот за гранични работи и миграции и Фаредин Зенуни, помошник началник на Оддел за сузбивање на сериозен и организиран криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР. Во составот на делегацијата беше и Вулнет Адеми, генерален советник во Кабинетот на заменик министерот Назим Буши.
На маргините на конференцијата, г. Реџепи оствари билатерална средба со г. Мајкл Томлинсон, министер за борба против нелегалната миграција во Обединетото Кралство, каде беше истакната одличната соработка помеѓу двете земји, како и цврстата волја истата да биде продлабочена и во други области. Дополнително, г. Реџепи оствари билатерална средба и со претставници на ФРОНТЕКС и ИОМ за унапредување на регионалната соработка во рамки на илегалната миграција и заштитата на границите.