15 април 2024

„Градење хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“

 Општи информации за проектот:

Вонбуџетскиот проект „Градење хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“ има за цел градење на човечки и технички капацитети за поддршка на професионалниот развој и раст во полициското работење. Со цел да се создаде одржлив хибриден образовен систем во МВР, дваесет и четири (24) (9 ж /15 м) хибридни обучувачи кои беа избрани преку постапка заснована на заслуги, поминаа низ програма за хибридни обуки од 10 модули, учејќи како да користат современи алатки за создавање и испорачување на обуки онлајн, на лице место и комбинирано. Девет теми беа избрани од страна на Координативниот одбор на проектот како најпотребни и, оттогаш, хибридните обучувачи континуирано работат во тимови за да создадат сеопфатни, интерактивни и вклучувачки обуки за секоја тема (кои ќе бидат вклучени и во овогодинешниот каталог на обуки на МВР). Нивните напори се постојано поддржани од експертката за учење и од експертот за дигитално учење.

Тркалезната маса која се одржа во декември 2023 г. беше можност да се прикажат научените лекции од програмата за хибридни обуки и нејзините 10 модули, така што хибридните обучувачи им претставија извадоци од обуките што ги развиваат на членовите на Координативниот одбор и меѓународните партнери.

До крајот на јануари 2024 г., на теренот на Центарот за обука на МВР, се заврши првата фаза од реконструкцијата на современиот Мултимедијален центар. Втората фаза треба да се заврши годинава заедно со надградбата на тековниот систем за управување со учење на Министерството. Поддршката и внатрешната координација со МВР се постојани, а Координативниот одбор на проектот во моментов работи на создавање план за одржливост на новиот систем за хибридно образование во МВР по завршување на проектните активности.

Проектот се одвива од 2022 до 2025 г. и е финансиран од Германија и Норвешка.



----------------------------------------

Полициско лидерство


Тимот што работи на хибридната обука на тема „Полициско лидерство (Водење ефективни тимови)“ брои пет хибридни обучувачи од кои 2 жени и 3 мажи. Обуката, чија цел е да развие вештини кај учесниците за активно слушање, развивање емпатија, чувство за припадност и соработка, способност за разрешување на конфликти со цел поефикасно и поефективно раководење со полицискиот тим ќе се одвива на хибриден начин.

Учесниците, раководители од прво ниво, ќе добијат воведни видеа од обучувачите кои ќе имаат време да ги проучат пред тридневната средба во училница. За крај, научените вештини ќе се дискутираат на онлајн средба во живо со цел да се направи рефлексија и дискусија за влијанието што го имала обуката во личниот и професионалниот живот на слушателите.



------------------------------------------

Профили на хибридни обучувачи

Во полиција работам веќе 26 години, и тоа исклучиво полициска работа - речиси десет години во униформираната полиција, а останатиот период во криминалистичка полиција. Почнав да работам уште кога жените во полициската служба беа реткост и, низ годините, покрај стекнувањето на стручното знаење, градев интегритет и авторитет надминувајќи предрасуди и стереотипи, пред сѐ со константна посветеност на мојата работа.

Во проектот на ОБСЕ и МВР „Градење хибриден образовен систем МВР на РСМ“ се вклучив првично затоа што во себе препознав силна посветеност на доживотното учење, дополнето со можност да допринесам за професионален развој во мојата професија. препознав визија , но и желба да учествувам во нешто што ќе придонесе кон збогатување на знаењето на полициските службеници и ќе ја подобри организациската култура во полицијата.

 

Јулијана Станчова, помошник началник на Одделението за криминалистички работи Карпош, Единица за внатрешни работи Карпош, СВР Скопје

Полициско лидерство

 

Во овој проект се приклучив со цел да не престанам лично да се надградувам и развивам, но и за да си исполнам една лична желба од минатото - да бидам наставник или професор. Исто така, сакав да истражувам, бидејќи ова е нешто навистина ново во нашата држава и во нашето Министерство, па ние како „помлад“ кадар вработен во Министерството би придонеле многу за околината во која што работиме и живееме, пред сѐ за колегите со кои ги поминуваме нашите работни обврски и задолженија, но и за луѓето околу нас. Мислам дека ова е одличен начин да се стекнеме со професионални знаења од поискусните колеги кои се дел од првите хибридни обучувачи, но и со кои ќе оформиме трајна соработка и пријателство.

Проектов е клучен за внесување новитети за полесно и поефикасно учење во Министерството за внатрешни работи, односно замена на класичниот метод на учење хибридни обуки, со цел слушателите да ја совладаат и применат темата од нашите обуки во својата кариера и во секојдневниот живот, со што ќе добиеме поефикасен и поефективен кадар во МВР.

Христијан Костадиноски, Системски специјалист во Центар за опоравување од катастрофи во Прилеп, МВР

 

Тимот што работи на хибридната обука за гранично полициско работење е составен од 7 претставници на различните РЦ ГР во земјата. Своето долгогодишно искуство го преточуваат во хибридна обука со асинхроно и синхроно далечинско учење, како и практични делови во живо.


Меѓу другото, со обуката ќе се покријат основните поими и легислативата во однос на граничното полициско работење, вовед во граничното работење, родова перспектива во граничното работење, основни човекови права, профилирање и интервјуирање, безбедносни документи и нивни карактеристики, опрема за граничен надзор и проверки, тактички процедури за активности на граничната полиција, трговија со луѓе итн.


Оваа повеќедневна и интерактивна обука е предвидена за сите полициски службеници што се распределуваат за работа во граничната полиција.