12 февруари 2024

Бојмацалиев во увид на градежните активности на новата Полициска станица во Аеродром: Ги исполнуваме европските стандарди во полициското работење

Денеска (12.03.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, извршија увид во градежните активности на новата Полициска станица од општа надлежност во Аеродром. Бојмацалиев истакна дека согласно планот за реконструкција на објектите и подобрување на условите за работа на вработените во Министерството за внатрешни работи, од страна на раководството на МВР во 2018 година беше констатирана потребата од нова полициска станица во Аеродром, заради тоа што постојниот објект беше стара барака, со висок степен на амортизираност, дотраеност и со мала корисна вредност.

Истакнувајќи дека градежните активности се одвиваат согласно предвидената динамика, Бојмацалиев рече дека рокот на изведба е предвиден за 30 месеци од денот на воведување во работа на економските оператори изведувач и надзор, а вкупната вредност која е предвидена за овој објект изнесува 109.132.886,00 денари без вклучен ДДВ, односно 128.786.805,48 денари со ДДВ, предвидени од буџетот на Република Северна Македонија.

„Од денот на воведување на работа на изведувачот до денеска во период од околу 6 месеци реализирано е рушење на старата барака , дислокација на контејнери, расчистување на градилиштето од вегетација, дислокација на стари инсталации, и изведена е фаза на завршна карабина на објектот во согласност со Основниот проект. Во моментот на објектот се изведуваат низа градежни и градежно занатски работи - крово-покривачки работи, ѕидање на надворешни и внатрешни ѕидови, отпочнување на фаза поставување на електрична инсталација, изведба на надворешни шахти за инсталации”, рече Бојмацалиев.

Меѓу другото, Бојмацалиев потенцираше дека императив за МВР е исполнувањето на европските стандард на полициското работење, како и тоа дека МВР во континуитет дава значителен придонес кон остварување на политиката на енергетска ефикасност за зградите преку мерки и активности за ефикасно користење на енергијата и заштита на животната средина, што е запазено во најголем дел од досега 80-те реконструирани објекти на Министерството низ државата. „Ново проектираниот објект за Полициската станица Аеродром се изведува на парцела со површина 3469,14 м2, со површина на градба од 781,94 м2 и максимална површина по катови од 1564 м2 (подрум, приземје и кат).

Проектот ги задоволува сеизмичките карактеристики на локацијата, бидејки Скопје претставува епицентрално подрачје од Вардарската сеизмичка зона. Воедно, објектот се изведува од квалитетни естетски и современи материјали и е планиран со паркинг простор за 30 службени возила, со естетско парковско и заштитно зеленило погодно за климатските простори”, рече Бојмацалиев, додавајќи дека и во време на техничка Влада продолжуваат со несмалено темпо започнатите активности во насока на подобрување на работните услови во Министерството.