Денеска, (09.02.2024), министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорот на Италијанската Република Н.Е. Андреа Силвестри.
На средбата министерот Тошковски го запозна Амбасадорот Силвестри за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите кои ни претстојат. Во таа насока, улогата на МВР е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст, министерот Тошковски укажа на неможноста согласно Закон да ги постави сите 15 раководни работници во министерството.
На прашање на Амбасадорот Силвестри, министерот Тошковски ги образложи преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење на лични документи со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст укажа и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните. Во однос на техничкиот рок на патните исправи согласно динамиката на нивно изготвување, министерот Тошковски побара поддршка од Амбасадорот Силвестри и Италијанската Република околу можноста за негово пролонгирање без притоа да се наруши почитувањето на меѓународното право и основното човеково право на слободата на движење.
На средбата, амбасадорот Силвестри ја потенцираше улогата на Министерствата за внатрешни работи насекаде во Европа и пошироко како гарант за безбедни, фер и демократски избори. Воедно ја поздрави успешната билатерална соработка меѓу двете држави и министерства за внатрешни работи, ставајќи притоа акцент на тековните проекти од аспект на зголемување на капацитетите на македонската полиција.
На крајот од средбата, министерот Тошковски изрази уверување дека соработката во рамки на веќе отпочнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најави и зголемување на обемот на соработката со Италијанската Република како наша долгогодишна пријателска земја.