Вести

05 декември 2023

Спасовски вечерва на прес конференција: Лишен од слобода и главниот креатор на монструозниот чин што ја потресе државата, кривичната пријава предадена на Обвинителството


На вечерашнава прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека на територија на пријателска Турција е пронајден и лишен од слобода и главниот креатор, планер, координатор и директен извршител на неколкуте кривични дела поврзани со монструозното двојно убиство во Скопје и во Велес. Министерот Спасовски информираше дека штотуку е добиено и официјално известување од колегите од Турција, а пронаоѓањето соодветствуваше на оперативните сознанија на македонското МВР во врска со патеката на движење на осомничениот.

„Тоа беше и последната алка од овој грозоморен чин, која ни недостигаше за да кажеме дека сме завршиле сѐ што беше во надлежност на МВР сосема да ги разобличиме сторителите на ова свирепо двојно убиство, кое длабоко нѐ потресе сите, од најмладо, до најстаро.
Вчера попладне, на барање на нашето Министерството за внатрешни работи, беше распишана итна меѓународна потерница од страна на Интерпол за Љ.П. од Скопје, лице барано за истрага на тешки кривични дела „грабнување" и "убиство“, по издадена наредба од Основното јавно обвинителство Скопје. Тоа е т.н. ЦРВЕНА ПОТЕРНИЦА која во истиот момент стана видлива во целиот свет, во сите земји членки на Интерпол“, истакна министерот Спасовски, упатувајќи посебна благодарност за соработката најпрво до Република Турција, како и до Република Србија и Република Бугарија, на чии територии водеше патеката на движење на осомничениот, но и на Република Хрватска, која самоиницијативно извести дека веќе извршила проверки на нивната територија.

„Секако, би сакал да се заблагодарам и на досегашната одлична соработка во рамки на Интерпол, а длабоко во себе верував и посакував фаќањето на злосторникот да оди брзо. Сега веќе можам да кажам дека нашето заврши, а постапката за определување на екстрадиционен притвор за него продолжува од страна на Министерството за правда сѐ додека лицето не биде спроведено во нашата држава, а потоа и веднаш изведено пред лицето на правдата. Правдата е совест, не лична, туку совест на целото човештво. Затоа, ако сакаме мир во душите, правдата мора да биде брза, целосна и до крај спроведена“, истакна министерот Спасовски.
Инаку кривичната пријава против петте лица е веќе изготвена на повеќе од 100 страници, вклучувајќи ги и доказите приложени во неа и предадена на Основното јавно обвинителство.
Со неа се опфатени пет лица, од кои еден за грабнување и за убиство, тројца за грабнување и за соизвршителство при убиство и еден за помагање при грабнување, предвидени со нашиот Кривичен законик, кои се осомничени согласно доказите кои полицијата ги прибра во предистражната постапка.