20 ноември 2023

Спасовски: Сајбер нападите ја покажаа важноста на ИКТ Центарот во Прилеп за заштита на податоците

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на посетата на ИКТ Центарот во Прилеп, капитален проект на Министерството за внатрешни работи со поддршка од ЕУ, беше запрашан за улогата на Центарот при опоравување од природни и катастрофи предизвикани од човечки фактор.

„Прво, самиот објект, нивото на заштита којашто ја има, и подрачјето на коешто е изграден, е објект со највисоки безбедносни стандарди. Ова е подрачје кое е сеизмички најстабилно во Република Северна Македонија и на основа на сите тие анализи е одредена локацијата. Која е улогата? На пример, практично да можеме да одговориме: ако се случува било каде во државата некаква катастрофа во којашто е оневозможен да работи системот на еден од граничните премини, веднаш за неколку секунди се префрла на back-up варијантата овде во Центарот. И тоа е за сите сегменти. Дигиталната форензика - за новиот Форензички центар што е отворен, исто така, правиме back-up на сите податоци, на опремата од тој Форензички центар тука. И затоа со институциите веќе имаме склучено 4 договори и 4 институции ги чуваат своите податоци тука. Се преговара со петта институција. Тоа е еден облигационен однос помеѓу Министерството и институцијата која ги чува тука податоците”, појасни министерот Спасовски, додавајќи дека сајбер нападите во изминатиот период ја демонстрираат важноста на ИКТ Центарот.

„Меѓутоа, за важноста на тоа колку е значајно да се заштитиме, да ги заштитиме податоците, покажуваат и сајбер нападите и сајбер заканите коишто ги имавме изминатиов период. Така што, мислам дека се отворија перспективите на раководителите на овие институции дека мора секоја година да се вложува во заштитата на електронските податоци. Бидејќи, вие денеска може да вложите во заштита на електронски податоци, за 6-7 месеци таа заштита нема да е релевантна, мора да се обновува и надградува во секој еден момент. Реков дека сајбер нападите и уништувањето на податоците можат да имаат многу поразорна моќ отколку вистинските воени дејствија”, подвлече Спасовски.