19 ноември 2023

СВР Велес реализираше превентивна активност по мотото „Биди подготвен за безбедно патување со возило во зима“


Денеска (19.11.2023) од страна на полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес, на подрачјето на градовите Велес, Кавадарци и Неготино беа реализирани превентивни активности под мотото „Биди подготвен за безбедно патување со возило во зима“.
За време на активностите, граѓаните беа информирани за актуелната важност на обврската за задолжително носење на зимска опрема во возилата, во периодот од 15 ноември до 15 март. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните, пред сѐ на возачите, им беше укажано за законската употреба на зимска опрема во која спаѓаат зимските гуми и ланците, при што особено беа истакнати условите односно начините за употреба на опремата, во зависно од временските услови, а согласно нормативно пропишаните одредби во кои, секако, влегува и санкционирањето за нивното непочитување.
Исто така, на возачите и на другите учесници во сообраќајот им беше поделен едукативен печатен материјал изработен од РСБСП, чии содржини имаат за цел подигање на свесноста за поседување на зимска опрема во возилата и одговорно учество во сообраќајот.