22 септември 2023

Превентивни активности на СВР Битола

Во рамки на „Европската недела на мобилност“ денеска (22.09), на подрачјето на Битола од страна на полициски службеници од СВР Битола, во соработка со претставници на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, потоа учениците од сообраќајните единици на основните и средните училишта од Битола, од Студенскиот информативен центар Битола (УКЛО) и претставници од Црвен крст Битола се реализираа превентивни активности со цел да се промовира користењето велосипеди, како мобилно и алтернативно превозно средство.

Во оваа прилика од страна на полициските службеници на велосипедистите им беше укажано на потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, а беа потенцирани и придобивките од користењето на велосипедите, пред се од еколошки и здравствен аспект.

Инаку, вчера во просториите на Студентски информативен центар Битола беше реализирана активност, исто така во рамки на „Европската недела на мобилност“ со повеќе манифестации, со интерактивни настани од областа на сообраќајот. Од страна на Црвениот крст Битола беше презентирано санирање повреди при пад од велосипед и симулација на прва помош при несреќа со велосипед. Полициски службеници пак од СВР Битола, одржаа едукативна работилница за побезбеден сообраќај.