Вести

22 септември 2023

Спасовски за Фронтлајн и Цивил медиа: Најбезбедна земја на Балканот и намален криминалитет се дел од придобивките од членството во НАТО

 


Во интервјуто за Фронтлајн и Цивил медиа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски запрашан за главните предизвици за безбедносната состојба во услови на руската агресија врз Украина уште еднаш потврди дека таа е генерално стабилна, без никакви индиции за нарушување и без никакви инциденти од поширок размер.

„Статистичките податоци за првите осум месеци од 2023 година говорат во прилог на ова што го истакнав. Вкупниот криминалитет за 11 проценти е намален во однос на истиот период од минатата година и тоа покажува дека не само што е стабилна состојбата, туку е индикатор којшто покажува дека сите врвни приоритети во делот на безбедноста се остаруваат. Секако дека ова се едни од најдобрите резултати коишто ги имаме во последните 30 години“, потенцираше министерот Спасовски.

Спасовски потсети дека и според истражувањата кои што ги прават регионалните и меѓународни институции коишто се занимаваат со прашања од безбедноста, Република Северна Македонија е најбезбедна земја во Западен Балкан и е во друштво со 36 земји најбезбедни во светот.

Од аспект на безбедноста, имајќи ја предвид украинската криза, Спасовски потенцираше дека тука најдобро се гледа важноста што Република Северна Македонија е веќе дел од НАТО алијансата.

„Сето тоа што го говоревме кога пристапуваме кон НАТО алијансата - зборувавме дека е многу важно да бидеме дел од најголемиот воено-политички сојуз, а и оваа криза покажаа дека многу е полесно кога имате силни партнери, да имате силни сојузници, да бидете заедно во сојуз којшто може да нѐ штити сите нас.
Колку е важно да имате гаранција за територијалниот интегритет, за суверенитетот на државата, за границите на државата“, дециден беше Спасовски.

Тој уште еднаш увери дека сите институции во делот на безбедноста се ставени максимално во функција, сѐ со цел да се сочува и унапреди безбедноста на државата.