19 септември 2023

СВР Битола со превентивни активности за поголема безбедност во сообраќајот и за заштита од пожари во Демир Хисар и Крушево

Денеска (19.09.2023) полициски службеници од ОВР Демир Хисар при СВР Битола, за учениците од Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар реализираа едукативна работилница од областа на сообраќајната безбедност под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.

На работилницата полициските службеници ги запознаа децата со сообраќајните правила и прописи суштински за нивната безбедност како учесници во сообраќајот – пешаци и велосипедисти. Дел од работилницата беше посветен и на запознавање на децата со улогата и задачите на сообраќајниот полицаец, со дел од неговите технички средства за работа, а воедно на децата им беа поделени наменски изработени печатени едукативни материјали, обезбедени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во рамки на континуираните превентивни активности на Секторот за внатрешни работи Битола, вчера, пак, полициски службеници од ОВР Крушево на подрачјето на селата Лажани и Кошино, во содејство со Шумската полиција, реализираа превентивна активност од областа на заштита од пожари.

Притоа, полициските службеници во непосредна комуникација со возачите и патниците посочија особено внимание посветија на опасноста од фрлањето запаливи отпадоци вдолж патиштата, како една од главните причини за пожарите на отворено, кои што не ретко може да ги зафатат и шумските површини.

Дополнително полициските службеници на возачите им споделија и летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“. Исто така, полициски службеници од ОВР Крушево вчера реализираа превентивно-едукативни активности од областа на сообраќајот под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“. На повеќе локации во и околу Крушево преку непосредна комуникација со учесниците во сообраќајот, односно возачите, беше укажувано на опасноста од користење на мобилен телефон за време на возењето, како и за сериозните последици кои ги предизвикува таквото однесување. На возачите им беше делен и едукативен печатен материјал изработен во соработка со РСБСП, а сѐ со цел превенција и заштита од оваа појава и воедно зголемување на свеста и совесноста на учесниците во сообраќајот во интерес на личната и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.