Полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола денеска (15.09.) реализираа превентивна сообраќајна активност на тема „И јас и ти - сите сме пешаци“. Целта на оваа превентивна активност која беше реализирана во централното градско подрачје на Македонски Брод и пред основните училишта, беше насочена кон зајакнување на сообраќајната дисциплина и подигнување на свеста кај пешаците, дека како рамноправни учесници во сообраќајот мора доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да ги следат насоките кои ги даваат сообраќајните полицајци на крстосниците, но и, особено кај возачите, кои мора да ги почитуваат правилата и да им даваат предност на пешаците.
Исто така, полициските службеници од ОВР Македонски Брод на граѓаните им делеа наменски изработени печатени едукативни материјали. Покрај ова, денеска полициските службеници од ОВР Македонски Брод на повеќе локации на подрачјето на Македонски Брод ја реализираа и превентивната активност „Безбедна заедница - мирна заедница“, а во рамки на концептот за полицијата како сервис на граѓаните, насочен кон градење поквалитетна соработка и комуникација меѓу полицијата и заедницата.
Полициските службеници преку делење на едукативни летоци и во непосреден разговор ги информираа граѓаните за задачите и обврската на полицијата во интерес на обезбедување сигурност и безбедност на граѓаните, на нивните материјални добра. Притоа, беше потенцирана неопходноста и потребата граѓаните вклучувајќи се преку Локалните совети за превенција, поинтензивно да соработуваат со полицијата, која е нивен сервис, со што заеднички би се дал дополнителен придонес за зголемување на безбедноста во заедницата во којашто живеат.
И останатите полициски станици и одделенија на подрачјето на СВР Битола денеска реализираа превентивни активности во соработка со ЈП „Национални шуми“ и Шумска полиција под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од пожари“ во рамки на кои што преку непосредна комуникација и разговор со граѓаните, полициските службеници укажуваа како да се намалат ризиците од пожари и како и каде да се пријавуваат пожарите, односно на кој начин да се заштитат шумите од можните огнени стихии.