Полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола денеска (14.09.) реализираа превентивна сообраќајна активност на тема „Никогаш не вози пијан“. Целта на оваа превентивна активност беше насочена кон зајакнување на сообраќајната дисциплина и подигнување на свеста кај возачите и нивно потсетување околу сообраќајните правила и прописи, пред се во врска со безбедносните одредби како и околу последиците и санкциите од непочитување на законите, при што особено беше потенцирано да не се управува возило под дејство на алкохол. Исто така, беа поделени и едукативни летоци.
И полициски службеници од ОВР Прилеп при СВР Битола реализираа превентивна активност од областа на сообраќајот во рамки на кампањата „Паркирај совесно, паркирај одговорно“, а чија што цел примарно е насочена кон безбедноста на пешаците, на децата, на велосипедистите. Притоа, на повеќе локации во Прилеп во непосредна комуникација со граѓаните, пред се со возачите, полициските службеници укажуваа на потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи, како во поглед на правилно и совесно паркирање на возилата на означените паркинг места и паркиралишта во градот, така и во поглед на безбедноста и сообраќајните правила важни за пешаците. Воедно, на возачите им беа делени едукативни летоци со информативна содржина испечатени во соработка со РСБСП. Напоредно со овие активности, полициските службеници од ОВР Прилеп реализираа и превентивни активности од областа на заштитата и превенцијата од имотни деликти под мотото- „Безбедна заедница – мирна заедница“, а во рамки на концептот за полицијата како сервис на граѓаните, насочен кон градење поквалитетна соработка и комуникација меѓу полицијата и заедницата.
Полициски службеници од ОВР Ресен, при СВР Битола, денеска за учениците од основното општинско училиште „Мите Богоевски“ од Ресен реализираа едукативна работилница од областа на сообраќајната безбедност под мотото – „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. На работилницата полициските службеници ги запознаа децата со сообраќајните правила и прописи суштински за нивната безбедност како учесници во сообраќајот – пешаци и велосипедисти. Исто така дел од работилницата беше посветен на запознавање на децата со улогата и задачите на сообраќајниот полицаец, со дел од неговите технички средства за работа, а воедно на децата им беа поделени наменски изработени печатени едукативни материјали.
Покрај ова, во текот на денов сите полициски станици и одделенија на подрачјето на СВР Битола реализираа превентивни активности во соработка со ЈП „Национални шуми“ и Шумска полиција под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од пожари“ во рамки на кои што преку непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници укажуваа како и каде да се пријавуваат пожарите и на кој начин да се заштитат шумите од можните огнени стихии.