Вчера (07.09.2023) Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово на Градскиот плоштад во Куманово зема учество на настан организиран од страна на Општинската организација на Црвен крст Куманово, а во пресрет на Светскиот ден на прва помош, под мотото „Прва помош достапна за сите“.
Традиционално, како и секоја година по повод Светскиот ден на прва помош, беше спроведена заедничка показна вежба, во која од страна на полициски службеници и обучени волонтери од Црвен крст се изведуваа низа дејствија и постапки за давање помош во случај на повреди при евентуални сообраќајни незгоди.
Целта на овој настан е зајакнување на свесноста кај пошироката јавност за важноста од поседување знаења и вештини за укажување на прва помош. На настанот дополнително беше спроведен и квиз за проверка на знаења од областа на првата помош со ученици од основните и средните општински училишта кој имаше забавен, но и едукативен карактер.