Вчера (28.08.) на граничниот премин Деве Баир полициските службеници од Полициска станица за гранични проверки и граничен надзор Деве Баир, под мотото – „Вози безбедно“ реализираа превентивни активности, при што на патниците на влез и излез од државата им беа дадени совети и препораки за безбедно возење и почитување на сообраќајните правила и прописи.
Воедно, полициските службеници укажувајќи за потребата од внимателност и почитување на сообраќајните регулативи, особено внимание посветија на користењето на сигурносни појаси, прилагодување на брзината на движење, некористење на мобилни телефони при возење и слично.
Целта на активностите беше преку едукативни совети и препораки да се подигне свеста и одговорноста кај возачите за почитување на сообраќајните правила и прописи и намалување на сообраќајните незгоди во интерес на поголема безбедност во сообраќајот.