16 август 2023

„Соседска патрола“, превентивна активност на СВР Охрид

Вчеравечер (15.08.) во Дебар, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и од ОВР Дебар заедно со претставници на Советите на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа, како и претставници од Центарот за социјални работи реализираа превентивни активности од кампањата – „Соседска патрола“. Овие така наречeни мешани патроли извршија превентивни обиколки на угостителските објекти како и на местата на отворен простор каде што во ноќните часови најчесто се собираат младите. Целта на кампањата беше родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат, да се направи увид во однесувањето на нивните деца кога се надвор од домот, но и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. Притоа интенцијата на превентивниот проект е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата, граѓаните и локалната заедница, односно локалните институции, да се придонесе кон градење на повисок степен на општата безбедност, намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, и секако – подигање на општествената свест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места преку доследно почитување на законските одредби пред се, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.