11 август 2023

Превентивни активности на СВР Битола

 Денеска (11.08) полициски службеници од ОВР Ресен (во централното градско подрачје) и ОВР Македонски Брод (во селата Преглово и Пласница) реализираа превентивни активности од кампањата за подигнување на јавната свест за опасностите што произлегуваат од носењето и злоупотребата на мало и лесно оружје. Главната цел на активноста беше да се предупредат граѓаните за последиците од неовластеното користење мало и лесно оружје, особено за време на веселби, како и да се елиминираат инцидентите поврзани со пукање. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека и заталканиот куршум мора да заврши некаде, така што постои потенцијален ризик да биде загрозен нечиј живот.

За време на превентивната активност на граѓаните им беа делени и летоци со едукативна содржина. Покрај ова, полициски службеници од СВР Битола, од Полициската станица од општа надлежност Битола и од ОВР Крушево постапувајќи согласно оперативниот план „Безбедно лето“, реализираа превентивни активности на тема поврзана со превенцијата од разните облици имотни деликти при што акцентот беше ставен на заштита на имотот на граѓаните, заштитата од кражби, измами и разбојништва, а сето тоа како дел од општата безбедност на заедницата. При спроведување на активностите полициските службеници презентираа практични искуства и совети за овие важни теми за безбедноста и сигурноста во заедницата. Денеска и во текот на вчерашниот ден, исто така, на целото подрачје на СВР Битола беа реализирани превентивни активности од кампањата за заштита на шумите од пожари, каде што со делење на летоци изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“ со едукативна содржина и со поставување на плакати на видни места и објекти пред се онаму каде што присуството или движењето на граѓаните е поголемо, на граѓаните им се укажуваше за потребата од совесност и одговорност заради избегнување на ризиците од предизвикување на пожари. Во делот, пак, на безбедноста на сообраќајот ОВР Прилеп и ОВР Ресен спроведоа превентивни активности под мотото – „Носи кацига“ насочена кон младите мотоциклисти, како и активност околу почитувањето на правилата за паркирање во насока на поголема безбедност на повозрасните и најмладите пешаци.