Денеска (04.08.) полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола реализираа превентивна активност на тема - „Заштита од пожари “. Така, во непосредни разговори со жителите од селата Острец и Кишава, како и низ централното градско подрачје на Битола полициските службеници им укажуваа на граѓаните за неопходноста од почитување на делумната забрана за движење во шума и шумско земјиште, како и за честите причини и сериозни последици од пожарите на отворен простор. Исто така, на граѓаните им беа делени едукативно информативни летоци, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“ околу превенцијата и заштитата од шумски пожари во летниот период. Вчера, пак, на истата тема полициски службеници од ОВР Македонски Брод во селата Заград, Растеш, Требовље и Самоков, потоа ОВР Демир Хисар во централното подрачје на Демир Хисар и околните места , ОВР Крушево на излетничките места кон месностите Мечкин камен и Крушевско езеро и ОВР Прилеп во централното подрачје во Прилеп разговараа со граѓаните за заштитата на шумскиот фонд и на природата и превенцијата од шумски пожари особено при екстремно високите температури во овој период. Воедно се разговараше и околу други теми како што е злоупотребата на оружјето при веселби и прослави, односно опасностите и последиците од таквото поведение по безбедноста на луѓето и по јавниот ред и мир. Во текот на низата средби и разговори со граѓаните, особено оние од повозрасните категории и пензионерите како најчести жртви на кражби и измами, полициски службеници укажуваа и појаснуваа за формите на имотни деликти, за законскиот третман на овие видови на имотен криминал, а посебен дел беше посветен околу начините и постапките коишто треба да ги преземаат граѓаните со цел да се заштитат од вакви кривични дела. Целта на сите овие активности, а во рамки на поширокиот концепт на полицијата како сервис на граѓаните, беше преку продлабочување на комуникацијата и соработката меѓу полицијата и заедницата и зголемување на довербата кон полицијата, а во интерес на подобра и побезбедна средина. Во делот на безбедноста на сообраќајот СВР Битола реализираше и превентивни активности на теми околу користењето на сигурносните појаси при возење, некористењето на мобилен телефон при возење и околу потребата за избегнување возење при замор и при високи температури.