Oд страна на полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, денеска (01.08.) во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, а во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“, беше спроведена превентивна активност под мотото - „Лето без пожари“. Активноста беше спроведена на наплатните рампи на подрачјето на СВР Велес долж автопатот А1, Велес -Демир Капија и тоа наплатните рампи „Отовица“, „Сопот“ и „Виничани“. Во рамки на превентивната активност во разговор со возачите, од страна на полициските службеници беше укажувано на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд, особено во овој период, потоа за тоа како и каде да се пријавуваат пожарите, односно за начините за превенција и заштита од пожари долж автопатот А1. Целта на превентивната активност беше подигнување на јавната свест кај граѓаните за совесно и одговорно однесување при патување и други рекреативни активности во шумите во близина на патиштата со посебно внимание околу ризиците за настанување на пожари од фрлање отпушоци од несовесни возачи што како појава е една од најчестите причина за предизвикување и избувнување пожар во близина на пат. На возачите им беше поделен и соодветен едукативен материјал со основни безбедносни совети и како да постапуваат при откривање на пожар.