29 јули 2023

„Соседска патрола“ во Кичево, превентивна активност на СВР Охрид


Викендов (28/29.07.2023) во Кичево, беше реализирана активност од превентивната кампања - „Соседска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и Полициската станица Кичево, претставници на Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа, претставници од Центарот за социјални работи и новинари, извршија превентивни обиколки на угостителските објекти како и на местата односно собиралиштата на отворен простор каде што во ноќните часови најчесто се собираат младите.


Целта на кампањата беше родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат, да се направи увид во однесувањето на нивните деца кога се надвор од домот, но и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.


Целта на проектот „Соседска патрола“ е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата, граѓаните и локалната заедница, односно локалните институции, а во насока на придонесување кон зголемување на степенот на безбедноста, намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, и секако – подигање на општествената свест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места преку доследно почитување на законските одредби пред се, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Во текот на летниот период, проектот „Соседска патрола“ ќе продолжи да се реализира на целото подрачје под надлежност на СВР Охрид.