23 јули 2023

Со мешани патроли СВР Охрид презема превентивни мерки за зголемување на степенот на безбедноста меѓу младите

Во текот на викендов (22/23.07.2023) во Струга, беше реализирана превентивна кампања - „Соседска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и полициската станица Струга, како и претставници на Советот на родители во основните училишта, на Секторот за образование при локалната самоуправа, и на Центарот за социјални работи, извршија превентивни обиколки на угостителските објекти како и на местата односно собиралиштата на отворен простор каде што во ноќните часови најчесто се собираат младите.

Целта на кампањата беше родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат, да се направи увид во однесувањето на нивните деца кога се надвор од домот, но и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.

Проектот „Соседска патрола“, преку широка меѓуинституционална акција е насочен кон зацврстување на партнерскиот однос меѓу полицијата, граѓаните и локалната заедница, односно локалните институции, при што во фокусот е зголемување на степенот на безбедноста, намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, и секако – подигање на општествената свест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, преку доследно почитување на законските одредби пред сѐ, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Во текот на летниот период, проектот „Соседска патрола“ ќе продолжи да се реализира на целото подрачје под надлежност на СВР Охрид.