21 јули 2023

„Безбедно лето 2023“- На подрачјето на СВР Тетово стартуваше нов превентивен проект „Превенција од тешки кражби“

Вчера (20.07.2023) на гостиварското, а неколку дена пред тоа и на тетовското подрачје започна практичната имплементација на проектот „Превенција од тешки кражби“, со кој вкупно се планира да бидат опфатени шеесетина советодавни групи на граѓани.
Во рамки на овој проект кој e предвидено да трае до крајот на идниот месец, а чиј носител е Отсекот за превенција, полициските службеници на СВР Тетово непосредно ги запознаваат граѓаните - претставници на овие советодавни групи, како најефикасно да се заштитат од кражби во летниот период.
Притоа посебно им се советува кога отсуствуваат подолго време од нивните домови, поради летувања, свадбени или други свечености, задолжително да ги заклучуваат вратите, да не оставаат подотворени прозорци и да не објавуваат на социјалните мрежи дека не се дома туку дека се наоѓаат во некој од туристичките центри во земјата или странство.

Граѓаните, исто така, на овие средби се информираат и за начинот на пријавување на кражбите и како да постапат доколку е извршена кражба во нивните домови или деловни објекти. Полициските службеници им укажуваат преку практични и едукативни искуства за тоа како да се воспостави поквалитетна заштита од криминалните дејствија од областа на имотните деликти – кражби, дрски кражби и слично.