На иницијатива на Секторот за внатрешни работи Тетово деновиве се одржаа повеќе работни состаноци на локалните совети за превенција од општините Брвеница, Врапчиште и Маврово - Ростуше, а пред тоа и од Гостивар.
На средбите се разговарало за потребата од навремено превенирање на пожари на отворен простор и шумски пожари, со координирано вклучување на повеќе надлежни служби во општините.
Ова, пред се поради високите температури на воздухот последните денови и зголемените ризици од настанување на пожари. Покрај ова станало збор и за ефикасно пресретнување на свадбените пукања со огнено оружје и на неовластеното приредување на огномети и употреба на разновидна пиротехника на свадбени и други семејни свечености, како и за откривање и санкционирање на угостителските објекти и угостителите кои послужуваат малолетници со алкохолни пијалаци.
Од страна на присутните е констатирано дека вакви средби треба да се организираат почесто, а советите да вложат напор да го најдат вистинското место и улога во секојдневието на подрачјата на кои функционираат пред се на безбедносен план.