Денеска (19.07.2023) полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Ресен заедно со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Маркова Нога при РЦ Југ реализираа превентивна активност под мотото „Вози одговорно стави појас“ и „Вози одморен“. Превентивната активност беше реализирана на излезите кон туристичките дестинации на преспанското крајбрежје при што на возачите на автомобили како и на останатите патници им беше укажувано за важноста и улогата од задолжителното носење на сигурносен појас, дотолку повеќе што станува збор за законска обврска чие што непочитување повлекува соодветни законски санкции.
Покрај ова беше поделен и едукативен печатен материјал, се со цел зголемување на свеста кај учесниците во сообраќајот како и подобрување на личната но и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Исто така ОВР Ресен денеска дополнително спроведе и превентивни активности во рамки на проектот “Лето без пожари“ на повеќе локации во и околу Ресен. На подрачјето, пак на Битола, како и на патниот правец А-3 кон граничниот премин „Меџитлија“ полициските службеници од полицискста станица за безбедноста на патниот сообраќај при СВР Битола во рамките на кампањата за „Заштита од топлотни удари“ а под мотото „Вози одморен“ на возачите покрај практични совети им делеа шишиња со вода за освежување во овие жешки денови со апел за поголема внимателност на патот.
Покрај ова полициски службеници од одделението за внарешни работи Прилеп ја реализираа кампањата под мотото - „Не користи мобилен телефон додека возиш“. Превентивната активност беше реализирана на неколку патни правци во и околу Прилеп , при што преку непосреден контакт со учесниците во сообраќајот им беше укажано на ризиците кои постојат доколку се користи мобилниот телефон додека се вози.
Беа поделени и едукативни печатени материјали, изработени со поддршка од РСБСП со цел зголемување на свеста кај учесниците во сообраќајот за почитување на овие законски нарми.
Напоредно со ова и ОВР Крушево, при СВР Битола, во централното градско подрачје на Крушево реализираше превентивни активност на тема: „Внимателна заедница безбедна заедница“ при што преку разговори со граѓаните полициските службеници даваа препораки и совети за заштита од дрски кражби, разбојништва и измами.