18 јули 2023

Сообраќајните знаци, правила и прописи демонстирани пред ученици од тетовскиот Центар за странски јазици

На барање на тетовскиот Центар за странски јазици, подготвителни курсеви и обуки, а во координација со Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, денеска (18.07.2023) во просториите на Центарот, дваесетина основци од Тетово на возраст од 7 до 9 години имаа прилика непосредно, преку предавање од страна на полициските службеници, да се запознаат сообраќајните правила и прописи.

Покрај тоа, на учениците и практично на неколку сообраќајници им беше демонстрирано што покажува семафорската светлосна сигнализација на крстосниците, каде и како безбедно да се преминуваат, како да се движат по улици на кои нема обликувани тротоари за движење на пешаци и слично.

Во рамките на двочасовната теоретска и практична едукација учесниците на таканаречена Летна школа планирана од Центарот имаа можност и да се информираат од полициските службеници за прашања поврзани со сообраќајните знаци, правила и прописи, во функција на подигнување и унапредување на нивната сообраќајна свест и култура уште од најмали нозе. Вакви активности годинава беа спроведени и со најмладите од неколку детски градинки во Тетово.