18 јули 2023

Активности за грижа на шумскиот фонд и безбедноста во сообраќајот на подрачјето на СВР Битола


Денеска (18.07.2023) како и во текот на вчерашниот ден (17.07.2023) полициски службеници при СВР Битола во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“, спроведоа низа превентивни активности под мотото „Лето без пожари“ и „Да ги чуваме шумите“ на подрачје на Полициските одделенија Новаци, Ропотово и Велушина, односно во населените места Новаци, Ропотово, Бистрица, Барешани, Кравари, Олевени, Велушина, како и на излетничките места во Крушево.

При спроведувањето на активностите во разговор со граѓаните, од страна на полициските службеници беше укажано на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд, особено во летниот период, потоа за тоа како и каде да ги пријавуваат пожарите, односно за начините за превенција и заштита на шумите.
Целта на превентивната активност беше подигнување на јавната свест кај граѓаните за совесно и одговорно однесување при излети и други рекреативни активности во шумите, со посебно внимание околу ризиците од настанување на шумски пожари. Воедно, во текот на средбите, на граѓаните им беа делени летоци со информативни содржини изработени во соработка со ЈП Национални шуми, а во соработка и со Шумската полиција.

Покрај ова, вчера и Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, како една од пофреквентните улици низ градот, како и во централните подрачја на Крушево и на Ресен од страна на полициските службеници од ОВР Крушево и ОВР Ресен беше реализирана превентивна активност од областа на безбедноста во сообраќајот, а во контекст на задолжителното носење сигурносни појаси при возење.

Во рамки, пак, на превентивната активност под мотото „Превенција за заштита од топлотен удар“ и „Лето без пожари", а во контекст на актуелниот топлотен бран што се најавува дека ќе продолжи и во наредните денови, од страна на полициските службеници од ОВР Македонски Брод на повеќе локации во градот на патниците им беа давани сугестии за задолжителна внимателност и одмор при возење, а дополнително беа делени и шишиња ладна вода за пешаците, за возачите и нивните сопатници.