Вчера (16.07.2023) од страна на полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Кочани, во содејство со Шумска полиција и претставници од доброволното Противпожарно друштво – Кочани, а во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“, беше спроведена превентивна активност под мотото - „Лето без пожари“.
Активноста е спроведена на локации во селата: Зрновци, Мородвис, Видовиште, Теранци, Кучичино и Бурилчево, како и на Пониква, на рекретивно туристичките локалитети – „Просечена скала“ и брана „Речани“, и во селата Бабиште и Крушка.
Во непосредна комуникација и разговор со граѓаните, од страна на полициските службеници беше укажано на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд, особено во летниот период, и како и каде да ги пријавуваат пожарите, односно за начините за превенција и заштита на шумите.
Целта на превентивната активност беше подигнување на јавната свест кај граѓаните за совесно и одговорно однесување при излети и други рекреативни активности во шумите, со посебно внимание околу ризиците за настанување на шумски пожари. Воедно, во текот на средбите, на граѓаните им беа делени летоци со под мотото „Не уништувај ја природата, таа е нашиот живот“, а од страна на претставниците од доброволното Противпожарно друштво - Кочани беа делени и шишиња со вода.