14 јули 2023

Безбедно лето 2023: Во Радовиш средба со угостителите, на подрачјето на општина Ново Село превентивни кампањи „Да ги чуваме нашите шуми“ и „МВР за граѓаните“

Вчера (13.07.2023) полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш одржаа работен состанок со сопственици на угостителски објекти на подрачјето на Радовиш. Целта на оваа средба е воспоставување на поквалитетна комуникација и соработка, како и укажување за потребата од целосно почитување на законските одредби поврзани со работата на угостителските објекти и одржувањето на јавниот ред и мир. Полициските службеници посебно ја нагласија потребата од навремено информирање кога станува збор за случаи во кои постои ризик за нарушен на јавниот ред и мир, со цел навремено реагирање и спречување на евентуалните нарушувања.

Во рамки на оперативниот план „Безбедно лето“, на подрачјето на Полициската канцеларија Ново Село, во повеќе населени места од општина Ново Село, поточно на пазарите и други локации каде има поголемо присуство на граѓани, полициски службеници спроведоа превентивни активности под мотото „Пламените јазици се незапирливи“ посветена на превенција од шумски пожари во летниот период. Во непосредна комуникација со граѓаните, на кои им беа поделени печатени едукативни материјали, беше разговарано за неопходноста од заштита на шумите, како заедничка одговорност на сите, како и на законските санкции од предизвикување на шумските пожари, како и потенцијалните штети по шумскиот фонд и животната средина.

Покрај ова, полициски службеници во разговор со граѓаните ја потенцираа улогата на полицијата за заштита на нивната сигурност и безбедност, укажувајќи им дека полицијата е пријател на граѓаните и со градење на заедничка доверба ќе се зголеми безбедноста која е од заеднички интерес за сите.