Денеска (01.07) СВР Битола започна со превентивни активности во рамките на оперативниот план „Безбедно лето 2023".
Полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола на ул. „Широк сокак" во Битола и во централното градско подрачје на Битола спроведоа превентивна активност од областа на сообраќајот, пред се насочена кон велосипедистите. Притоа, на граѓаните им се укажуваше за неопходноста од почитување на сообраќајните правила, за забраните за движење по пешачки зони, а воедно се делеа и едукативни печатени материјали изработени со поддршка од РСБСП со информативни содржини за безбедноста на пешаците и велосипедистите во сообраќајот. Целта на кампањата е подигнување на сообраќајната култура кај граѓаните, примарно во интерес на нивната лична безбедност.
Полициски службеници од полициската станица од општа надлежност Битола и криминалистичката полиција на подрачјето на Битола во централното градско подрачје, во парковите, во старата чаршија... спроведоа превентивна активност под мотото „Сигурноста и безбедноста на граѓаните - наша обврска“. Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници ги запознаа граѓаните со начините за заштита од кражби.
Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Ресен и Крушево при СВР Битола, а во содејство со претставници на Шумската полиција и претставници од противпожарната единица -Ресен, во Ресен и полициски службеници од ОВР Крушево во Крушево спроведоа превентивна активност на тема „Лето без пожари“ и за таа цел беа посетени повеќе места на подрачјето на Ресен и Крушево. Во разговорите со жителите им беше укажано дека е неопходно внимание во летниот период поради опасностите од шумски пожари.
Во склоп на ОВР Прилеп, пак, и оваа година функционира единицата со полициски службеници на велосипеди, кои што извршуваат работни задачи на подрачјето на Прилеп.Униформираните полициски службеници извршуваат работни задачи во превентивното полициско работење, но и во делот на одржување на јавниот ред и мир, спречување на вршење кривични дела и прекршоци.
Полициските службеници од ОВР Македонски Брод спроведоа превентивна активност во рамките на проектот „Лето без пожари“, при што беше разговарано со граѓаните за опасностите од несовесно палење на оган на отворен простор, како и навремено реагирање за негово гасење.