Продолжувајќи со континуираните превентивни активности во рамки на СВР Битола, полициски службеници од ОВР Прилеп и ОВР Крушево денеска (28.06.2023) во централните градски подрачја на Прилеп и на Крушево спроведоа превентивни активности под мотото „Безбедна заедница - мирна заедница“.
Притоа, во непосредна комуникација со граѓаните, пред сѐ оние од повозрасните старосни групи, полициските службеници укажуваа за неопходноста од внимателност од џебни кражби при пазарување, потоа на внимание при подигнување на пари од банките и од банкоматите, а исто така, стана збор и за безбедноста на постарите лица при нивно рекреативно движење во природа. Односно, како и каде да се движат по планинските предели при собирање на плодови, при што беше нагласена потребата од носење на мобилен телефон. Исто така, полициските службеници, делејќи им на граѓаните печатени едукативни летоци, ги запознаваа и со начините и мерките за лична заштита од кражби, разбојништва, заштита на имот, како и за важноста од навремено пријавување на бесплатните броеви 192 и 112 за сите кривични дела.
Покрај ова, вчера (27.06.2023) полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола, на подрачјето на Македонски Брод спроведоа превентивна активност од областа на безбедноста во сообраќајот, на тема „Секогаш задолжително при секое патување стави појас“, при што на возачите на моторни возила, како и на сопатниците во возилата им беше укажано на потребата за постојано користење на сигурносен појас, со што би се зголемила личната безбедност и безбедноста во сообраќајот на сите учесници.
На подрачјето, пак, на Ресен вчера, од полициски службеници од ОВР Ресен, како и од претставници од ЈП „Национални шуми“ и од Шумската полиција беа реализирани превентивни активности од областа на превенцијата од бесправна, односно незаконска сеча на шуми. Во разговор со месното население беше укажувано на неопходноста од почитување на одредбите од Законот за шуми, потоа за казнивоста и санкциите во поглед на бесправната сеча на дрва, како и околу штетните материјални последици и последиците по шумите. Исто така, на жителите им беа поделени печатени материјали со едукативна содржина, со цел подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на шумите од кражби и нелегално сечење на шумите.