Вчера (26.06.) во селата Звегор и Стамер, како и на Магистралниот пат А3, од страна на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток а во соработка со претставници на ЈП „Национални шуми“ беше реализирана превентивна активност од областа на спречување бесправна, незаконска сеча на дрва. Од страна на полициските службеници и претставниците на „Национални шуми“- подружница Делчево, преку непосредни контакти и разговори ги информираа граѓаните за важноста од почитување на одредбите од Законот за шуми, за казнивоста и последиците од бесправната сеча на дрва и последиците од пожарите на отворен простор. Исто така, на граѓаните им беа поделени печатени материјали со информативна содржина, изработени од страна на МВР, Шумската полиција и ЈП „Национални шуми“, а околу запознавање на граѓаните со цел навремено информирање и соработка на населението со надлежните институции, заради спречување на дрвокрадството и превенцијата од пожари во летниот период .