18 јуни 2023

„Да ги заштитиме шумите“, превентивна активност на СВР Велес

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес во соработка со Подружница шумско стопанство „Бабуна“ Велес и Шумската полиција денеска (18.06.) на подрачјето на општина Градско и околните села Уланци, Виничани, Горно Чичево, Долно Чичево и Подлес спроведоа превентивна активност во рамките на кампањата за заштита на шумите.

Полициските службеници и нивните колеги од шумската полиција во непосреден контакт и разговор со граѓаните укажуваа дека шумите се нашето богатство кое што сме должни да го чуваме и заштитиме, а секое незаконско сечење на дрва е кривично дело кое има законски последици.Беше потенцирана потребата од внимателност и совесност, но и потребата за благовремена соработка и комуникација со надлежните служби, вклучително и полицијата во интерес на превенцијата од штетите и последиците од бесправното сечење на шумите. Целта на проектот е да се информираат локалните жители за овој вид на криминалитет и да се подигне свеста на граѓаните во насока на поголема одговорност и соработка со надлежните институции во откривањето и спречувањето на бесправната сеча на шуми.

На граѓаните им беа поделени и едукативни печатени материјали со информативни содржини изработени во соработка со „Национални шуми“ и Шумска полиција.