Вчера (15.06) полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола реализираа превентивна активност на тема „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, при што во детската градинка „Коца Василева" во Битола одржаа едукативно предавање од областа на сообраќајот. Дечињата беа запознаени со основните сообраќајни правила и прописи, за важноста од нивно почитување, за тоа како да се однесуваат како пешаци, но и кога возат тротинет или велосипед. На децата исто така им беа појаснети значењето и важноста на хоризонталната и светлосната сигнализација, како и за задачите и обврските на еден униформиран полициски службеник – сообраќаец.
Исто така, вчера (15.06), полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Ресен на повеќе локации на подрачје на Ресен и селата Евла, Горно Дупени и Болно, реализираа превентивна активност при што на граѓаните им биле поделени едукативни материјали за превенирање и заштита од пожари, во пресрет на летната сезона.
Вчера (15.06.) во Прилеп, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Прилеп во соработка со Национални шуми и Шумска полиција на повеќе локации на подрачјето на Прилеп и селата Забрани, Десово, Гостиражни, Слепче, Црнилиште, Костинци, Секирци, Пешталево и Ропотово реализираа превентивна активност од областа на превенцијата од бесправна сеча на шуми. При активноста граѓаните беа информирани за законските норми по однос на бесправното сечење на шуми, штетите и последиците, особено во поглед на појавата на шумски пожари, пред се во летниот период.