24 мај 2023

„Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, превентивна активност на ОВР Ресен

Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Ресен, при СВР Битола, вчера (23.05.) за учениците од основното општинско училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно, ресенско, реализираа едукативна работилница од областа на сообраќајната безбедност под мотото – „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.

На работилницата на која што присуствуваа и ученици од подрачните одделнија на училиштето од селата Крани и Штрбово, полициските службеници ги запознаа децата со сообраќајните правила и прописи суштински за нивната безбедност како учесници во сообраќајот – пешаци и велосипедисти. Исто така дел од работилницата беше посветен на запознавање на децата со улогата и задачите на сообраќајниот полицаец, со дел од неговите технички средства за работа, а воедно на децата им беа поделени наменски изработени печатени едукативни материјали, обезбедени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.