Вчера (23.05.) Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Гази Баба, потоа со “Национални шуми“ и Шумската полиција, спроведе превентивна активност на подрачјето на општина Гази Баба, односно селата Стајковци, Црешево, Виниче, Булачани и Раштак, а во врска со превентивниот проект што се реализира под мотото – “Незаконското сечење на дрва е криминал“.
Притоа, во рамките на кампањата, во непосредна комуникација со жителите од наведените села беше укажано дека треба целосно да се почитуваат правилата и прописите од позитивната законска регулатива, не само во поглед на заштита на шумските површини туку и во поглед на заштита и превенција од пожари, особено во летниот период. Целта на проектот беше да се информираат локалните жители за овој вид на криминалитет и да се подигне свеста на граѓани во насока на поголема одговорност и соработка со надлежните институции во откривањето и спречувањето на бесправната сеча на шуми. Воедно, на граѓаните од овие населени места им беше поделен едукативен материјал во форма на летоци со информативна содржина, подготвени од страна на “Национални шуми“.
Исто така, вчера Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Полициската станица од општа надлежност Кисела Вода реализираше превентивно-едукативна работилница на тема “Врсничко насилство“ со учениците од седмо, осмо и деветто одделение во основното училиште “Драга Стојановска“, во село Ракотинци, општина Сопиште. Учениците преку видео презентација беа запознати со темата, а особено беше потенцирана неопходноста на благовремено детектирање и превенирање на оваа појава.