23 мај 2023

„Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, превентивна активност на СВР Велес

Отсекот за превенција при СВР Велес во рамките на сообраќајно – воспитната акција – „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, а во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Кавадарци, денеска (23.05.) реализираше едукативен квиз во градинката “Рада Поцева“ под мотото “Весел детски семафор“, на кој учествуваа дечиња од сите општински градинки на подрачјето на Кавадарци.

Врз основа на претходни предавање и примена на основни сообраќајни правила, прописи и сообраќајни знаци, дечињата беа поделени во четири поединечни групи и одговараа на прашања прилагодени за нивната возраст пред четиричлена жири комисија од членови од кои двајца од ОСБСП Кавадарци и двајца полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес.

Покрај теоретските прашања, дечињата решаваа замислени сообраќајни проблеми по принципот на точен и неточен одговор со користење на нацртани сообраќајни знаци и фигури. Целта на денешната активност е развивање и унапредување на сообраќајното образование и воспитување на дечињата од предшколска возраст, како и унапредување на општата безбедност на сообраќајот на патиштата како предизвик од општествен интерес, и секако – преку континуирана едукација минимизирање на бројот на сообраќајни незгоди.