17 мај 2023

СВР Охрид реализираше работни средби со угостителски објекти како континуитет на превентивната кампања за безбедни матурски прослави

Отсекот за превенција при СВР Охрид денеска (17.05.2023) реализираше работни средби со одговорни лица во угостителски објекти во Охрид каде се најавени матурски прослави, а во насока на укажување околу доследно почитување на работно време и навремено превенирање на евентуално нарушување на јавниот ред и мир. Оваа средба доаѓа како континуитет на активностите околу превентивната кампања за безбедни матурски прослави, во рамки на која што Отсекот за превенција при СВР Охрид завчера одржа и повеќе работни средби со директорите и стручните служби од средните училишта на подрачјето на Охрид – „Св.Наум Охридски“, „Св.Климент Охридски“, „Св.Кирил и Методиј“ и „Ванчо Питошески“, а во врска со престојните матурски прослави во контекст на нивно безбедно и мирно одвивање. Притоа, од страна на полициските служби беше укажано преку претседателите на класовите од четврта година и советите на родители, матурантите да ги почитуваат законските правила и прописи и од областа на сообраќајот и од областа на јавниот ред и мир.

Исто така, денеска Отсекот за превенција спроведе и активности од превентивна кампања „И јас и ти сме пешаци“, што се реализира во соработка со РСБСП при што на граѓаните на повеќе локации во Охрид им беа делени информативни летоци и пропагандни материјали а се со цел зголемување на свеста на пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот.

Инаку, и вчера Отсекот за превенција при СВР Охрид одржа едукативно предавање за учениците – матуранти од средните училишта од Струга – „Ибраим Темо“ и „Нико Нестор“ а на истата тема околу безбедните матурски прослави. На предавањето реализирано со матурантите беа презентирани сообраќајните правила и прописи при што учениците беа запознаени со последиците од непочитување на законските правила и прописи како во делот на сообраќајот така и делот на јавниот ред и мир за време на одржување на матурските прослави.