Вчeра (10.05.) од страна на Отсекот за превенција при СВР-Велес беа реализирани три превентивно едукативни работилници со ученици од основните училишта “Тоде Хаџи Тефов“ и “Тошо Велков Пепето“ во Кавадарци, како и во “Јовче Петличков“ во Велес.
Притоа, на работилницата во училиштето “Тоде Хаџи Тефов“ посветена за ученици од осмо и деветто одделение, на која што тематски беа опфатени областите на насилството меѓу младите и сајбер булингот, основците беа запознати со начините за благовремено детектирање на ова девијантно поведение и негово превенирање.
На работилницата, пак во кавадаречкото основно училиште “Тошо Велков Пепето“ каде што слушатели беа ученици од седмо и осмо одделение, се говореше исто така за темата од областа на сајбер булингот, при што и во рамки на ова видео предавање децата беа запознати со овој облик на насилство преку социјалните мрежи, за последиците и штетните манифестации од истото. Воедно беа презентирани и начините на кој начин сајбер булингот може да се препознае и превенира.
На работилницата во основното училиште “Јовче Петличков“ во Велес со која што беа опфатени учениците од трето и четврто одделение темата беше посветена на сообраќајната безбедност на децата и притоа им беа презентирани основните правила и прописи за учество во сообраќајот како пешаци, за сообраќајните знаци и сигнализација и за неопходноста од стриктно почитување на прописите пред се заради нивна лична безбедност во сообраќајот.