Денеска (10.05.) Отсекот за превенција при СВР Штип во соработка со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Штип и од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, организираше едукативни работилници во средните училишта “Коле Нехтенин“ и “Јане Сандански“ во Штип, тематски посветени на кампањите за “Безбедни матурски прослави“ и “Превенција од меѓуврсничко насилство“.
Притоа, работилниците во рамки на претстојните матурски прослави во двете средни училишта беа посветени на учениците од четвртите години, односно на матурантите, при што полициските службеници ги запознаа матурантите со одговорностите, како и со мерките и последиците од непочитувањето на законските правила и прописи, пред се од областа на сообраќајот и од областа на јавниот ред и мир. Посебен акцент беше ставен на штетноста од управување на моторни возила под дејство на алкохол.
На работилницата пак, тематски посветена на – “меѓуврсничко насилство“, преку наменски подготвена видео презентација учениците беа запознаени со причините и формите на манифестирање на меѓуврсничкото насилство, но и за последиците од истото. Исто така, особено внимание се посвети на препознавањето на овие појави и нивно навремено превенирање во соработка со училиштето, родителите и полицијата.
Инаку, денеска и полициски службеници од ОВР Свети Николе, при СВР Штип реализираа превентивно едукативна активност која беше насочена кон возачите на мотори. Целта на активноста беше насочена кон подигнување на сообраќајната култура на возачите на мотори во сообраќајот во општина Свети Николе, пред се помладите категории граѓани кои се, всушност, и во најголем број возачи на мотори, мопеди и мотоцикли.
На повеќе локации во централното градско подрачје во Свети Николе полициските службеници укажуваа на потребата овие превозни средства да бидат соодветно означени и технички исправни, а возачите на мотори да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и задолжително да носат зашититен шлем. Покрај усното укажување на возачите на мотор им беа делени и соодветни печатени едукативни материјали изработени во соработка со РСБСП.