09 мај 2023

Превентивни активности на СВР Скопје

Денеска (09.05.) Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Аеродром и од Полициското одделение Петровец организираше едукативно-превентивни работилници во средните училишта “Марија Кири Склодовска“ и “Димитар Влахов“ (на подрачјето на ПСОН Аеродром) и во основното училиште “Кочо Рацин“ (на подрачјето на ПО Петровец).

 

Притоа, работилниците во двете скопски средни училишта беа посветени на учениците од четвртите години, односно на матурантите, а во рамки на превентивната кампања за безбедни матурски прослави. Полициските службеници ги запознаа матурантите со одговорностите, како и со мерките и последиците од непочитувањето на законските правила и прописи пред се од областа на сообраќајот и од областа на јавниот ред и мир.
На работилницата пак во основното училиште “Кочо Рацин“ тематски посветена на – “Говорот од омраза“ преку наменски подготвена видео презентација учениците беа запознаени со причините и формите на манифестирање на говорот од омраза, но и за последиците од истиот.

Исто така особено внимание се посвети на препознавањето на овие појави и нивно навремено превенирање во соработка со училиштето, родителите и полицијата.


Инаку и вчера (08.05) во рамки на континуираните превентивни активности Одделението за превенција при СВР Скопје, реализираше неколку едукативни работилници со ученици. Така во основното училиште “Св Кирил и Методиј“ (на подрачјето на ПСОН Центар) беше реализирана работилница на тема – “Улога на полицијата во демократското општество“ на којашто беше разговарано за улогата и задачите на полицијата во спроведувањето на законите, потоа за заштитата на детските права, а во тој контекст беше нагласена и важноста од соработката меѓу училиштата и полицијата како клучен фактор во механизмите на превенција и обезбедување на сигурност за граѓаните, вклучително и за децата. Потоа во основното училиште „Блаже Конески“ (на подрачјето на ПСОН Аеродром) беа реализирани две едукативна работилница на тема за - “Врсничкото насилство“.Посебно беше опфатена појавата на насилно однесување на учениците во самите училишта и во училишните дворови, за најчестите форми на манифестирање на оваа девијантна појава, како и за начините за превенирање од насилството и насилното поведение.
Покрај ова, и на подрачје на ПСОН Гази Баба, а во рамки на превентивниот проект за “Безбедни матурски прослави“ вчера во средните училишта “Боро Петрушевски“; “8-ми Септември“ и “Панче Арсовски“ беа реализирани едукативни предавања за матурантите со цел укажување на одговорноста, мерките и последиците кои можат да настанат од непочитување на законски прописи со посебен акцент на конзумирањето алкохол и управување на моторни возила за време на матурските прослави.