Чест ми е како министер за внатрешни работи да ве поздравам и преку овој меморијален турнир во мал фудбал уште еднаш да им оддадеме почит на нашите херои, кои во моментите кога беше најтешко застанаа на браникот на татковината и го дадоа животот за својата држава.
Споменот на нашите сограѓани, херои, секогаш ќе го чуваме и денешниот турнир е само еден од настаните преку кои се потсетуваме на нивното големо дело.
Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи и јас како министер секогаш ќе бидеме тука за да им помогнеме на семејствата на овие големи луѓе. Особено затоа што сме свесни за фактот дека овие семејства се соочуваат со сериозни животни проблеми, какви што се невработеноста и беспарицата и покрај фактот што сите ние сме практично нивни должници.
Институциите мора да ја прекинат праксата на декларативно и пропагандистичко злоупотребување на нивните судбини и суштински да им помогнат на овие семејства. Некои од овие семејства се уште водат судски спорови со државата, што е несфатливо и недозволиво.
Неверојатен е фактот дека наместо помош, семејствата на овие херои се уште се малтретираат по судови. Ваквата политика на неодговорните политичари мора да заврши. Наместо судските покани, да им ја дадеме нашата почит и благодарност. Ние сме должни да се грижиме за овие семејства! Должни сме пред нашите херои и тоа мора да го направиме и ќе направиме!
На крајот ви посакувам успешен турнир и добри натпревари.
Го прогласувам турнирот за отворен!