04 мај 2023

Во Демир Хисар и Македонски Брод реализирани едукативни предавања за одговорно учество во сообраќајот, наменети за средношколци



Полициски службеници од ОВР Демир Хисар при СВР Битола заедно со претставници на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска (04.05.) во Средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар одржаа едукативни предавања за матурантите, односно за учениците од четврта година, на темата „На матурска вечер без автомобил“
На предавањето се говореше за сообраќајната култура која подразбира не само почитување на сообраќајните правила и прописи, туку и совесно и одговорно однесување во сообраќајот, како основен фактор за безбедност во сообраќајот.
Исто така, во текот на предавањето посебно внимание се посвети на однесувањето во сообраќајот на учениците - матурантни како возачи-почетници во сообраќајот. Во периодот кога почнуваат матурските прослави, на учениците им беше укажано на овие прослави да не одат со сопствен автомобил, затоа што доколку конзумираат алкохол, а потоа седнат зад воланот, ќе ја загрозат и својата безбедност, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Покрај ова, денеска од страна на полициски службеници од ОВР Македонски Брод беше спроведена превентивната активност на тема „Биди внимателен и одговорен учесник во сообраќајот“ со учениците од средното општинско училиште „Св.Наум Охридски“ во Македонски Брод. На работилницата на учениците им беше презентиран видео материјал со сообраќајни правила и прописи, особено во поглед на пешаците како учесници во сообраќајот, а им беше поделени и едукативен печатен материјал изработен во соработка со РСБСП.