02 мај 2023

“На матурска вечер без автомобил“, превентивна активност на СВР Битола и РСБСП


Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола, заедно со полициски службеници од полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Битола, а во соработка со претставници на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска (02.05.) во Средното техничко училиште “Ѓорги Наумов“ во Битола одржаа едукативни предавања за матурантите, односно за учениците од четврта година, а во рамки на превентивната кампања – “На матурска вечер без автомобил“.
На предавањето се говореше за сообраќајната култура во која што подеднакво е значајно и почитување на сообраќајните правила и прописи, но и совесното и одговорно однесување во сообраќајот, а како основен фактор за квалитетно ниво на безбедност во сообраќајот.
Исто така, во текот на предавањето посебно внимание се посвети на однесувањето во сообраќајот на учениците - матуранти како возачи-почетници во сообраќајот. Во периодот кога почнуваат матурските прослави, на учениците им беше укажано на овие прослави да не одат со сопствен автомобил, затоа што доколку консумираат алкохол, а потоа седнат зад воланот, ќе ја загрозат и својата безбедност, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.