24 април 2023

СВР Велес во соработка со Локалниот совет за превенција започнаа заедничка превентивна кампања фокусирана на мотоциклистите

Денеска (24.04.2023) Отсекот за превенција при СВР Велес во соработка со Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес, како и Локалниот совет за превенција при општина Велес, ја започнаа заедничката превентивна кампања фокусирана за возачите на мотори на подрачјето на овој сектор за внатрешни работи.
Целта на оваа кампања е подигнување на сообраќајната култура на возачите на мотори во сообраќајот во град Велес, а е реализира под мотото “Носи кација, вози внимателно“ и пред сѐ е насочена кон помладите категории граѓани кои се, всушност, и во најголем број возачи на мотори.

Дополнително, сообраќајно воспитна активност е насочена кон возачите на мотори, бидејќи токму во претстојниот временски период зголемен е бројот на овие учесници во сообраќајот во градот.
Денеска на повеќе локации во градот Велес полициските службеници укажуваа на потребата овие превозни средства да бидат соодветно означени и технички исправни, а возачите на мотори да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и задолжително да носат зашититен шлем или кацига.

Покрај усното укажување на возачите на мотор околу правилата и прописите на ваквиот вид учесници во сообраќајот на истите им беше делен и соодветен печатен едукативен материјал, со корисни совети за возачите на мотори изработен од Отсекот за превенција при СВР Велес и Локалниот совет за превенција при општина Велес.