Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Прилеп заедно со претставници на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска (13.04.) во средното општинско училиште “Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп одржаа едукативно предавање за матурантите односно учениците од четврта година на темата “Сообраќајна култура кај младите“.
На предавањето се говореше за значението на сообраќајната култура која подразбира не само почитување на сообраќајните правила и прописи туку и совесно и одговорно однесување во сообраќајот, како основен фактор во поединечната и општа безбедност во сообраќајот. Исто така, во текот на предавањето посебно внимание се посвети на фактот дека учениците-матурантни како потенцијални идни возачи-почетници во сообраќајот ќе треба децидно да се запознаат со сообраќајните правила и прописи, сериозно пристапувајќи кон материјата на сообраќајните норми што исто така е првенствено во интерес на нивната лична безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.