Денеска во Тетово беше спроведена превентивно-информативна активност како содржински дел од кампањата на Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат за зајакнување на довербата и поширока афирмација, унапредување и осовременување на соработката помеѓу полицијата и заедницата. Во рамките на оваа активност, чиј носител беше Отсекот за превенција при СВР Тетово, а на која присуствуваше и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, на поголем број граѓани им беа поделени и наменски изработени летоци, а се водеа и непосредни разговори со нив за тоа - како да се зацврсти и уште повеќе да се продлабочи соработката на полицијата со локалната заедница.
Граѓаните во Тетово беа поблиску информирани и за главните цели на полициското работење, за механизмите за внатрешна и надворешна контрола на истото, како мошне значаен фактор за вкупниот професионален кредибилитет, рејтинг и реноме на полицијата, односно Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Граѓаните прашуваа и добија конкретни одговори за повеќе сервисни услуги кои секојдневно им ги нуди Министерството како нивен сервис, а чиј основен фокус и преокупација беа, се и во иднина ќе бидат граѓаните и нивните потреби, во функција на подобрување на безбедноста и квалитетот на животот во заедницата.