Вести

17 март 2023

ИЗВЕСТУВАЊЕ Посебен режим на сообраќај во Охрид во текот на претстојниот викенд

МВР ги известува граѓаните дека, поради средбата меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер што викендов ќе се одржи во Охрид, на подрачјето на СВР Охрид се преземаат соодветни безбедносни мерки. Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти за што се веќе остварени контакти и координација со службите од локалната самоуправа, како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, со јавните претпријатија како и со други релевантни субјекти. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид интензивно презема мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот „Туристичка“, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање на моторни возила и каде е предвидено да се врши непречено пропуштање на возилата со приоритет на минување. Воедно, сообраќајното обезбедување ги опфаќа и останатите магистрални, регионални и локални патишта, како и заштитниот појас на патиштата, заедно со улиците во населените места и паркиралиштата. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците и по другите подрачја, со цел подигнување на степенот на сигурност за време на овој настан.